Буџетот на РМ, буџетскиот процес и учеството на граѓаните

Учество на граѓаните во процесот на подготовка на буџетот

Со цел да придонесе кон подобрено разбирање на државниот буџет, буџетскиот процес и учеството на граѓаните во него, Граѓански свет веќе два броја по ред ја обработува оваа тема. Во ова трето продолжение ги презентираме законските можности на граѓаните на Република Македонија да влијаат на буџетот, но и низа други механизми кои се користат во други земји. 
 
Рамката во Македонија

Правниот систем во Македонија не го гарантира правото на граѓаните директно да бидат вклучени во процесот на подготовка и набљудување на државниот буџет. Но, законите не забрануваат независно набљудување на извршувањето на државниот буџет што претставува можност за вклучување на граѓаните. Колку граѓаните се подготвени и имаат желба да бидат вклучени и колку набљудувањето на државниот буџет е на агендата на граѓанското општество, тоа е проблематично пра­шање кај нас.

Уставот на Република Македонија го гарантира правото на предлагање закони и измени на закони, правото да се влијае преку легално избраните претставници во Парламентот и правото на пристап до информации (согласно со соодветниот закон). На национално и на локално ниво има отворено канцеларии за комуникација на Владата со граѓаните каде тие можат да поставуваат прашања, вклучително и прашања за буџетот. Иако вака презентирано, се чини дека е воспоставена основна рамка за граѓанско учество, но таа сепак не се користи доволно во праксата и е потребен проактивен однос кон ова прашање од страна на повеќе актери за да се мотивира поголема вклученост на граѓаните.

Владата и Прламентот се одговорни да осигураат учество на сите заинтересирани страни: академските кругови, бизнис-заедницата, граѓанското опш­тес­тво и поединци, и соодветно да ги третираат нивните коментари во однос на буџетот. Дебатата во Парламентот е можност да се дадат аргументирани предлози кои се во полза на избирачите. Членовите на Парламентот се претставници на народот и тие треба да ги застапуваат интересите на своите гласачи.

За време на буџетскиот процес, Владата треба да осигура транспарентност и увид пред јавноста. Парламентарната дебата и дебатите на советите на општините каде се дискутира за државниот буџет и за буџетот на локалните самоуправи се отворени за јавноста. Месечни извештаи за извршувањето на буџетот се публикуваат на веб-страницата на Минстерството за финасии. 

Важни предуслови за зголемување на граѓанското учество се: подобрен пристап до информации во врска со буџетот, подобрени капацитети за анализа на буџетот, претворање на податоците од истиот во разбирливи информации и подобрена свест и знаење меѓу граѓаните и граѓанските организации.   

 

Преглед на механизми

Светската банка има дефинирано повеќе механизми за учество на јавноста во буџетскиот процес и други пошироки форми на влијание на јавноста врз државниот буџет кои се познати како „механизми за социјална одговорност”.

Партиципативно буџетирање

Партиципативното буџетирање се однесува на вклученост и консултации со граѓаните во текот на буџетскиот процес со вклучување различни актери во процесот на планирање на буџетските цели и нивно квантифицирање и фискална операционализација: дефинирање на целите, одредување на приоритетите, развивање на планираните програми за постигнување на приоритетите, мобилизирање и генерирање приходи за финансирање на приоритетите, процесот на одобрување на буџетот, неговото спроведување, набљудување и оценка. Овој механизам за првпат бил применет во 1989 г. во Бразил. 

 
Независна буџетска анализа

Независната буџетска анализа се однесува на истражување, застапување и дисеминација на информации кои се однесуваат на буџетот од страна на актерите на граѓанското општество и други актери кои се независни од Владата. Целта е да се анализираат импликациите на државниот буџет коишто ги има на различни групи, посебно на сиромашните и маргинализираните, да се подигне нивото на „писменост” на јавноста во однос на буџетот и да се информираат креаторите на политиката за да можат да бидат ангажирани во ефикасна дебата во врска со буџетот, која е базирана на информации. Ова всушност претставува „демистификација” на она што вообичаено се доживува како технички и неразбирлив финансиски документ и истиот го доближува до јавноста.

   

Следење на јавните давачки

Овој механизам е фокусиран на тоа како јавниот сектор ги троши парите кои му се алоцирани. Во најголем број земји ова вообичено се прави со следење на „влез” наместо на „излез”, главно заради недостатокот на податоци. Прегледот на трошоците во јавниот сектор е техничка вежба која се изведува преку формални анкети или неформален „социјален аудит”. Се остварува постојана вклученост на јавноста во вежбата. Всушност, самите корисници на одредена услуга (пр. родители на деца кои одат во училиште) ги прибираат податоците за алоцираните средства за таа намена и трошењето на истите, наместо некоја агенција. Резултатите од вежбата веднаш се објавуваат во јавноста што осигурува прибраните наоди да не завршат на бироата на државните службеници.

 

Партиципативно набљудување

Партиципативното набљудување или набљудување во заедниците е стадиум во кој се следи и оценува работата на избрани јавни институции (понекогаш и целата влада) или проекти финансирани од буџетот. Тоа им овозможува на граѓанските организации или групи да вршат контрола на испораката на јавни услуги и да го мерат успехот во работата на одредена јавна институција, користејќи однапред одредени индикатори и системи. Ова исто така вклучува следење на напредокот на проектите кои се финансирани од Владата.