“Меѓаши” повика на образование за сите деца
Образование за сите!
Ланец, формиран од петстотини пара детски раце, на плоштадот „Македонија” во Скопје беше обединет во една, гласно изговорена мисла - „Образование за сите!” Под овој слоган, организирани од Првата детска амбасада „Меѓаши”, на 27 април, децата ги повикаа своите 18.000 другарчиња од Македонија и 80 милиони од светот да им се придружат во учењето и заедно со нив да седнат во училишните клупи.
Со транспаренти во рацете, испишани со најразлични содржини, тие гласно бараа образование. „Сакам да бидам докторка”, „Над 1.500 хендикепирани деца се надвор од училиштата”, „И јас сакам да учам”, беа само дел паролите со кои на плоштадот го пречекаа премиерот Никола Груевски, кој во знак на поддршка на кампањата, во отворената книгата напиша: „Знаењето е навистина сила, тоа е богатство што никој никогаш не може да ви го одземе”. Премиерот посочи дека 50% од населението во Македонија има само основно образование, што се смета за поразителен податок за земјава. Затоа, како што истакна тој, во земјава ќе има бесплатно образование, но и парични казни за родителите кои нема да ги пуштаат своите деца на училиште. „Сакаме да изградиме стотина училишта и 180 спортски сали, што досега не се случило. Се ангажираме за поголем квалитет во образованието со нови наставни содржини, воведуваме англиски јазик од прво одделение и компјутер за секој ученик. Воведуваме и задолжително средно училиште”, рече Груевски.
Активностите од оваа кампања се одвиваа во рамките на глобалната недела за вклучување на децата во образованието што се реализира во 100 земји во светот, со цел да ги алармира светските влади за состојбата со исклученоста на децата во системот на образованието.
Акцијата во Скопје ја поддржаа повеќе јавни личности, МВР, Глобален марш против детскиот труд (Глобал Марцх Агаинст Цхлид Лабоур) и Космофон, како повеќе домашни граѓански организациии, општини и училишта.
|
|