ТЕМА ЗА ДЕБАТА

Дали применуваме новини во методите на работа?

Овој пат, прашањето на "Форумот" на "Граѓански свет" се однесува на прашањето: "Дали применуваме новини во методите на работа?" - односно, дали работиме по "класични", на сите добро познати методологии, или пак сме инвентивни, размислуваме и воведуваме нови методи или нови аспекти во веќе востановените методи? Ве повикуваме на активно учество во "Форумот" на нашите веб-страници: www.graganskisvet.org.mk  и www.civicworld.org.mk , а за почеток, ви ги пратставуваме мислењата на оваа тема на неколку лица активни во граќанскиот сектор:

Ана Чоловиќ
Уште при оформување мојата организација го прифати начинот на работа што го применуваат западноевропските и централноевропските НВО. Дотогаш, според мене, македонските беа некако затворени, без ентузијазам за внесување новини во работата. Новините во работењето се неопходни, тие го подигаат вниманието на членството. На пример, ние имаме воведено т.н. менторство каде секој нов член на организацијата добива свој постар, поискусен колега за ментор, за полесен вовед во работата. Новините се неопходни за поефикасно ширење на информациите, комуникацијата итн.

Алберт Хани
Природата на работата на мојата организација налага динамика во иновациите при работењето. Ние, на нашите едукативни семинари за решавање конфликти, работиме со сосема нови методи, според западни принципи. Според тие искуства мислам дека секоја организација колку што може почесто треба да спроведува новини во својата работа, со цел за поголемо мотивирање на корисниците, но и да се направи работата на НВО многу поинтересна.

Васил Миновски
Секоја организација треба да воведува новини во својата работа. Само така можат успешно да се анимираат корисниците на услугите на граѓанските организации. Треба да се воведуваат нови методи на работа, ние тоа и го правиме. Новите методи, како што е случајот со мене и со моите колеги, доведуваат до нови специјализации. Тоа е добро и за самата организација и за себеси.