Коментар
Да го најдеме Тоше во нас
Утрото, 16 октомври, осамна со одек на страшната вест дека во сообраќајна несреќа во Хрватска загина нашиот Тоше Проески. По неговата смрт, заедно со интензивното „вртење” на неговата музика на сите електронски медиуми, беа правени низа рефлексии на неговиот живот и дело. На крајот на една таква телевизиска дебата до аудиториумот беше испратена, за мене, многу силна порака, „Да го најдеме Тоше во нас”.
Но, што поточно да бараме? Она што го вивна Тоше како музичка ѕвезда, неговиот вонсериски музички талент и ангелски глас, едногласно беше прогласено како ретко и неповторливо. Неговата верба во Бога?
Религиозноста е убедување поврзано со средината (и времето) во кое сме растеле и сме биле воспитувани. Приближувањето кон овие две димензии зависи од тоа како е „скроен” секој од нас.
Она што секако можеме да го бараме за да н$ поврзе со Тоше, не е прашање на дарба и верба во бога, туку многу повеќе, тоа е прашање на желба и труд. Желба преку сопствен несебичен ангажман и преку постојано дарување љубов, да се помогне таму каде што помошта е потребна за да се види светот и нашата Македонија како подобро место за живеење. Токму оваа негова мисија може да се идентификува и како мисија на граѓанскиот сектор, а заложбите на Тоше можат директно да се поврзат со вредностите кои треба да ги промовираат граѓанските организации.
Големата хумана димензија на Тоше беше нешто на што тој не беше обврзан, но беше предаден на желбата да им помогне на оние кои бараат помош. Тој дел од Тоше сигурно го носи секој од нас и можеме да го пронајдеме во себе. Неговата љубов кон човекот и сила за прошка, е модел како можат да се надминуваат недоразбирањата. Воспитанието и силната волја да се успее е исто така нешто кое можат да го научат луѓето, а особено младите.
Своето доблесно воспитание Тоше Проески го презентираше на секое место, во секое време и кон сите луѓе. Кажа „не” за сите пороци кои ги демнат младите, покажа како треба да се сака, почитува и промовира својата татковина...
И уште многу може да се каже за неговите доблести.
И токму тие постојано го осветлуваа неговиот пат, а ние кога ќе сакаме „да го најдеме Тоше во нас”, знаеме што треба да бараме, затоа што сигурно тие вредности тлеат кај секого, само треба да ги разгориме по примерот кој ни го даваше тој.
Сунчица Саздовска |
|