КОНТРАПУНКТ
Маргините се шират веќе 10 години
Здружението Контрапункт, на мошне оригинален начин во Скопје го одбележува периодот од 10 години излегување на списанието “Маргина”. Во просториите на Културниот центар Точка (на улицата Илинденска во Скопје), е поставена изложба на сите досегашни насловни страници на “Маргина”. На 30 март, во истиот простор, беше одржан вистински мал поетски спектакл – првпат во Македонија е одржан натпревар на читање слем-поезија, придружуван со оригинални и мошне креативни поетски перформанси. Истовремено, беа промовирани три збирки на поезија на млади автори од Македонија.
Наредната вечер, се одржа трибина на тема “Како да се застапува важноста на културните списанија во општеството”, а одбележувањето заврши со низа промоции на каталог, на ЦД и книжевни изданија, на веб-страницата на Контрапункт (www.kontrapunkt-mk.org) и проектот “Слевање на маргините”, посебни изданија на Маргина, и видео-запис од настапот на групата Шкарт од Белград во неколку градови на Македонија.
Списанието Маргина се појави првпат во март 1994 година, и беше прво списание во Македонија кое се занимаваше со современата култура и уметност, на неконвенционален начин ги третираше културните трендови и новите медиуми, објавуваше современи културни теории и преводи на современа литература. Во Маргина простор наоѓаат млади автори, а, како што се вели во најновотото нејзино издание, “особено оние кои негуваат понеконвенционален (и субверзивен кон анахроните културни стереотипи) израз”. Досега, 50-те броја на Маргина се објавени во 35 книги. За Маргина повеќе прочитајте на веб-страницата www.templum.com.mk.
М.И.
|