ЦИУ Мултимедиа реализира проект во Штип

Развој, труд и род

Центарот за изведувачки уметности Мултмедиа продолжи со имплеметација на проектот „Низ перпективата на жената”, организирајќи ја во Штип, на 24 април, првата национална дебата под наслов „Развој, труд и род”. Ден пред тоа беше одржана јавна уметничка акција во Трговскиот центар во Штип со учество на уметници од градот, при што беше презентирана видеопрограма подготвена од Мултимедиа и Чиапас медиа проект Промедиос (Цхиапас Медиа Пројецт Промедиос) од Чикаго, САД, и звучна изведба со звуците од текстилната индустрија.

Проектот во својата основа ја носи идејата за родовата еднаквост и адресирање социјални прашања, користејќи ја уметноста како алатка за социјални промени, а во фокусот на  дебатата се најде прашањето на жената и трудот. Учесниците критички се осврнаа кон врската на индустријализацијата во Македонија и родот, на појавата на фабрики во кои доминираат особено млади жени, но и на начините како да се истражи концептот на економско насилство и текстилната индустрија во Штип. Учествуваа релевантни граѓански организации од Скопје и од Штип, од Комисијата за еднакви можности на жените и мажите при Општина Штип, Народниот правобранител и претствници на трудовата инспекција од градот, како и претставници на текстилната индустрија. Главната цел на оваа дебатата и, генерално, на проектот, е да ја зголеми јавната свест за постојните проблеми на жената, да демонстрира како уметниците и уметничките може да создадат свесност преку користење партиципаторна уметност и како истите може да придонесат кон преиспитување на културните и социјалните промени во Македонија и во Европа. Проектот е финансиран од програмата Исток-исток на ФИООМ.  

К.Б.