ПРЕКУГРАНИЧНО ДЕЈСТВУВАЊЕ НА АКТИВИСТКИТЕ

Придвижување на копнежот за цивилизираност

Под мотото "Придвижување на копнежот за цивилизираност", од 26 мај до 9 јуни годинава, под координација на француската организација "Трансеуропееннес", ќе се организира карван на жени активни во општествениот живот од поранешните југословенски републики и Албанија. Целта на карванот, кој ќе се движи по местата кои го носат белегот на конфликтот што се случуваше последната деценија на овие простори, е на симболичен начин да се преминат границите и да се пренесе токму копнежот за цивилизираност, за мир, за помирување, за соработка и за подобра заедничка иднина.

Карванот се организира во соработка со локални невладини организации. Во Македонија, соработник на "Трансеуропееннес" е Фондацијата Институт отворено општество Македонија. Карванот ќе го придружува и изложба на фотографии на жени од овој регион, дел од кои и ќе учествуваат во него.

Оваа акција е дел од пошироката програма на "Трансеуропееннес", која опфаќа неколку дополнителни активности (изработка на документарен филм и книга за карванот, локални и регионални програми за обука), а уследи по двете средби, во Роајомон, Франција и Маврово, Македонија, на кои учествуваа жени активни во невладините организации, од кои произлегоа две декларации.

М.И.