Форум
Дали можеме самите?
Овој месец, на Форумот на „Граѓански свет“ ќе биде поставено едно мошне актуелно прашање, важно за иднината на граѓанското општество во Македонија. Го поставуваме прашањето, насочено пред се’ на членовите на граѓанските здруженија - Дали можеме самите? Односно, дали можеме да опстанеме и без поддршката на странските донатори, кои се веЌе подолг период нашите главни поддржувачи, а кои веЌе покажуваат тенденции дека се’ помалку Ќе работат во нашиот регион? Дали во изминативе години стекнавме знаења и вештини за самоодржливост, за обезбедување финансиски средства, и можеби најважното од се’ - да продолжиме да работиме како активисти, на волонтерска и креативна основа?
Ве молиме вашите одговори да ги доставите на Форумот на „Граѓански свет“ на веб-страниците: www.graganskisvet.org.mk или www.civicworld.org.mk , со вашето полно име и презиме, а доколку сте член на некоја организација, наведете го нејзиното име.
Еве што на оваа тема размислуваат неколку личности кои се претставници или работат со граѓанските организации од Македонија:
Крис Ван де Санден, „Милиеуконтакт Оост-Еуропа“: Моето генерално мислење по ова прашање е дека перспективата на заминување на донаторите од регионот може на крајот да има нешто што ние го викаме “blessing in disguise”. Тоа значи дека и покрај проблемите што тоа би ги довело, на крајот оваа ситуација би претставувала благослов. Мислам дека тоа ќе ги принуди граѓанските здруженија да се концентрираат на причините поради кои тие постојат. Убеден сум дека здруженијата кои се вистински убедени и посветени на својата мисија и на својата работа Ќе бидат сe'уште во состојба да привлечат внимание и да обезбедат сe' што им е потребно за нивните активности.
Јасна шоптрајанова - Вртева, „Јунона (младешка женска сила)“: Природно е некои активности да се реализираат без пари. Исто така е природно луѓето кои не можат да донираат пари, да го донираат своето време, знаења и таленти. Крајно време е да го воведеме тој концепт на активизам и волонтерство (а со подобрување на општата економска состојба, тој треба само да зајакне). Други можности се создаваат со подготвеноста на министерствата (на пример, на она за култура) и на локалната самоуправа да доверат дел од своите задачи на невладините организации. Можеби бизнисот ќе покаже поголем интерес, а државата ќе помогне со даночни олеснувања. Некои НВО ќе најдат други извори на самофинансирање или за директен пристап кон меѓународни механизми. А некои НВО веројатно ќе исчезнат, и тоа ќе е најкорисната работа што ја направиле, зашто од силни патувања во Будимпешта и Стразбур, не стасале да дадат придонес за својата заедница.
Во месецот кој следуваше по меѓународниот ден на планетета Земја (22 април), а му претходи на светскиот ден на животната средина (5 јуни), ви го поставивме прашање кое директно се однесува на граѓанската свест за животната средина: дали сте подготвени да го селектирате домашниот смет, доколку државата или бизнис-секторот покрене иницијативи за рециклирање на разните видови отпад? Во Скопје сме сведоци на позититивното искуство од селектирањето на хартијата од страна на граѓаните, стопанските субјекти и различните организации и институции, кое го иницира АД “Комуна”, која ја собира и рециклира старата хартија. Дали сте подготвени истото да го правите со стаклените и пластичните шишиња, лименките, текстилниот отпад, па дури и органските отпадоци, доколку некој се „нафати“ да ги собира од вашите домови или работни места, со цел да го намали отпадот што ја загадува нашата животна средина и корисно да го употреби (рециклирајќи го) за ново производство? Дали сте подготвени да соработувате, за заедничките интереси - почиста животна средина, помалку ѓубре, а повеќе можности за развој, вработување, поттикнување на производството?
Еве како на оваа тема размислуваат неколку лица активни во невладиниот сектор:
Наташа Стојковска, ИТЗ: Да, веднаш! Не само што и самата би го селектирала сиот домашен смет, туку и би поддржала и би помогнала акции во мојата зграда, на пример, или во соседството. Би ги поддржала луѓето на кои им треба повеЌе време да се прилагодат, би разговарала со нив. Истовремено, би пропагирала и акции за намалување на отпадот воопшто, по примерот на нашите баби и дедовци кои користеле други материјали, а не пластика. Би требало и ние да се вратиме на тој начин, да се реупотребува амбалажата, а не да се фрла постојано. Да се вратиме на начините кои се напуштени, но кои се' уште постојат во нашата меморија.
Жарко Конески, ИТЗ: Јас веќе селектирам два вида отпад дома - хартијата ја издвојуваме и ја употребуваме повторно, а го селектираме и органскиот отпад, од кој во моето семејство се прави компост. Ако некое претпријатие (или некој друг) пројави иницијатива за организирано собирање и преработување на домашниот смет, јас секако дека би ги селектирал и пластиката, стаклото, металот...
|