НАСТАНИ

ГРАЃАНСКО ОПШТЕСТВО


ОД 23 ДО 25 ОКТОМВРИ СЕ ОДРЖА ПРВИОТ НВО САЕМ 

НВО САЕМ

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Католичките служби за помош (ЦРС) и Институтот за трајни заедници (ИТЗ) од 23 до 25 октомври во хотелот Александар Палас го организираа саемот на невладини организации во Македонија.

Целта на оваа манифестација беше да се промовираат невладините организации и целиот невладин сектор и да се подобрат нивните односи со јавноста. На Саемот активно учество земаа 144 организации од сите сектори: екологија, детски права, вработување и генерирање приходи, права на жената итн. Десетина од нив беа странски организации.
Еден ден пред започнувањето на НВО Саемот организаторите одржаа прес конференција на која ги запознаа новинарите со основната идеја за одржување на оваа манифестација како и со текот на настаните кои беа составен дел на НВО Саемот. Соработката на овие три организации во реализирањето на проектот НВО Саем е во насока на поттикнување на соработката меѓу невладините организации што генерално беше една од намерите на организаторите. 
НВО Саемот беше составен од три сегменти: изложбен дел, работилници за обука и тркалезни маси, форуми и панели.
На 23 октомври 2001 година, НВО Саемот беше свечено прогласен за отворен. Отворањето го поздравија организаторите, извршниот директор на МЦМС, Сашо Клековски, директорите за Македонија на ЦРС и ИТЗ, Кевин Тобин, односно Пол Нути, а во името на претседателот на државата, Борис Трајковски, на присутните им се обрати шефот на Кабинетот, Зоран Јолевски.

Претседателот на државата, во своето обраќање го истакна невладиниот сектор како  важен сегмент во надополнување на државните институции. „Дозволете ми да завршам со еден мал предизвик за вас”, вели тој во своето обраќање. „Духот на волонтеризмот е слаб во Македонија. Додека многу граѓани навистина посветуваат голем дел од своето време и средства за оваа цел, многу други не го прават тоа, често затоа што не ја разбираат улогата која невладините организации ја играат, или пак не можат да ги видат резултатите, како материјални така и духовни, кои можат да се добијат преку доброволната работа. Затоа, барам од вас да го ширите духот на доброволната работа каде и да одите и со кого и да се среќавате. Поттикнете ги граѓаните на Македонија да се ангажираат и да се посветат на тоа”.  

Едукативни сесии, отворени трибини, секторски трибини, работилници...

За сите три дена, колку што траеше Саемот, се одржаа седум едукативни сесии, шест отворени трибини, пет секторски трибини и една работилница.
Едукативната сесија на тема „Приод кон донаторите” ги анализираше фазите на пристапот кон донаторите - од првиот контакт со донаторите, преку претставување на самата организација пред донаторите, контакти во текот на аплицирањето, спроведување на проектот, негово завршување, па се до доставување на финалните извештаи.
”Општиот мој заклучок и заклучоците на учесниците беа дека темата даде одговори на многу прашања кои претходно ги имале организациите, во однос на пристапот кон донаторот”, ни изјави Елисавета Михајлова од ИТЗ која ја водеше сесијата.
Едукативната сесија на тема: Што е граѓанско општество беше поделена на три дела - терминологиски, концепциски дел и македонски специфики. „Имаше големо интересирање за моите излагања. Посетителите внимателно ме слушаа и имаше многу прашања во врска со темата, упатени до мене. Додека ни дозволуваше времето, одговарав на нив. За другото, се договоривме при некоја друга средба - на моите предавања на Факултетот, како што побараа дел од присутните, или на друго место”, ни ги кажа неговите импресии професорот на Правниот факултет Ѓорѓе Иванов, излагач на оваа сесија.

За темата техниките за прибирање финансии посетителите на Саемот можеа повеќе да дознаат од презентацијата на Зоран Стојковски, излагачот на темата, и од неговата асистентка, Марија Тодорова, и двајцата соработници на програми во Институтот за трајни заедници. Најинтересно за посетителите беше излагањето за процесот и техниките за прибирање средства при организирање т.н. специјални настани, како и за законската регулатива.
Концепт на стратешко планирање го изложи Зоран Стојковски, обучувач при ИТЗ.
„Најважно е организациите, со текот на работењето, да не навлезат во многу сфери на работењето, односно да имаат максимум од еден до три приоритети, т.е. целни групи. Ширењето на сите страни може да ги доведе во разобличување на самите себе, до губење на идентитетот на организацијата”, ни кажа обучувачот Стојковски. 
„НВО треба да водат препознатлива политика. Тие треба да влијаат, дури и за изменување на некои државни закони, во интерес на заедницата. Тие треба да работат за нивни потреби”, истакна Жарко Коневски, излагач на сесијата на тема: Заложување и лобирање. Според него, НВО треба да навлезат во политиката на работењето, да излезат со свои ставови пред институциите на системот и пред јавноста.
Сесијата на тема „Градење мрежи и методи на соработка” ја водеше излагачот Епаминода Главинац, од ИТЗ. Темата го обработуваше феноменот на партнерство. Како главен мотив за партнерството излагачот го истакна интересот на вклучените странки. „Работиме со НВО. Многу ме интересираше оваа тема. Посебно заради тоа што еден од нашите пристапи со нашите интересенти од невладиниот сектор е советувањето при изработката на проекти кој понатаму би требало да се обратат до донаторите. Излагачот беше доволно јасен, дека партнерството е сигурен чекор кон полесно освојување на целите”, беа зборовите на еден од слушателите, Наташа Палоска од Naturresurs­forum, меѓународна НВО со седиште во Ресен. 
Едукативните сесии завршија со темата „НВО имиџ и односи со медиумите”, каде излагач беше Кристина Колозова од ИТЗ.

Отворени трибини:

Овие трибини започнаа со темата „Медиумите и НВО”, во организација на МИМ, а како изложувачи се јавија Горан Величковски од Канал 5, Благоја Шаклевски од ТВ Тера, Заге Филиповски од „Граѓаните за граѓаните” и Ашмед Елезовски од ДРОМ.
На трибината „Волонтерството во НВО”, модераторот Бесим Небиу од ИТЗ зборуваше за историјата на волонтерството во Македонија, како и за тоа што е тоа волонтеризам.
Трибините продолжија со темата „Граѓанското општество и етничките колективитети”, во организација на ИООМ. Излагач беше професорот на Правниот факултет – политички студии, Ѓорѓи Иванов. Последните две теми на отворените трибини беа „НВО и можностите за поттикнување на претприемништвото и вработувањето”, во организација на „Можности”, а каде како изложувачи се јавија Снежана Андова, Томче Тасевски, Елизабета Марковиќ, Марија Зарезанкова и Газменд Кадриу, и „Како до вистинска агенда”, во организација на Форум – ЦСИД, каде излагачи беа Зоран Јачев од Форум, Суад Мисини од ИЦГО, професорот Ѓорѓи Иванов од Правниот факултет, Сашо Клековски од МЦМС, а модератор беше Јован Донев од Евро Балкан. 
Секторските трибини беа покриени со следниве теми: Градење партнерство на НВО за заштита на правата на детето за успешна имплементација на Конвенцијата за правата на детето, во организација на ПДАС „Меѓаши”, каде модератор беше  Драги Змијанац;  Стратегија за развој на образованието кај Ромите во Република Македонија, работилница што ја организираше ХДЗР „Месечина”, а излагач беше Самет Скендери, однос­но Мухамед Точи; Подобрување на соработката помеѓу еколошките НВО, каде излагач беше Даниела Стојанова од ДЕМ; Женски прашања, во организација на СОЖМ и Решавање на здравствените и други проблеми на лица што злоупотребуваат дроги во Македонија, во организација на „Доверба”, изложено од модераторот Славица Гајдаѕис – Кнежевиќ.
Единствената работилница беше на тема Хуманитарните организации и кризата, каде што модератор беше Бехиџудин Шехапи од Ел хилал.

Презентации

Активностите на НВО Саемот не беа поврзани само со однапред договорените теми за трибини и едукативни сесии. Она што му даваше посебна динамика на Саемот беа и презентациите или промоциите што невладините организации сами ги организираа на сопствените штандови. Трите дена на саемот се случија вкупно шест такви промоции. 
Фондацијата Институт отворено општество ги презентираше Програмата за Роми и публикацијата „Права на жените, чекор по чекор”. Во рамките на презентацијата на програмата за Роми беше промовиран и новиот проект Ромаверситас, кој претставува модел на неформално образование, наменет за студентите Роми. Заедно со Ромаверситас, беше промовиран и културниот центар „Дархија”.
Организацијата Нов пат го промовираше предлог-МЕМОРАНДУМОТ и отварањето на веб-страницата за оваа цел. Меморандумот е завршница на четиринаесетдневната дебата што ја покренаа група од десетина невладини организации на темите: Каде оди Македонија? Што бараат младите од Македонија? (Не) Функционирање на политичките партии во Македонија! Антитероризам, сега и овде! Има ли Македонија лидери? Конфликтите, како дел од нашето секојдневие? Етничките групи и религијата во Македонија?
Здружението на граѓани ХЕРА ги промовираше брошурите „Денот кога правам ХИВ тест” и „Вовед во континуирана терапија”. Тие се дел од програмата за континуирана едукација за ХИВ и лица и луѓе кои што живеат со ХИВ/СИДА што се одвива во склоп на советувалиштето за ХИВ/СИДА.
Македонскиот центар за меѓународна соработка го промовираше шестото, најново издание на Адресарот на граѓански организации во Македонија. Адресарот содржи инфор­мации за 1.589 организации.
Мрежниот електронски центар ја промовираше архива на WEB за НВО.

Тerrance Lorne Mooney
Раководител на канцеларијата на Канадската амбасада во Скопје
Јас сум импресиониран од квалитетот и различноста на изложеното на овој саем што го покажува граѓанското општество во Македонија кое станува многу важна институција во земјата, а што говори многу и за иднината на оваа држава.
Во споредба со Канада, не се сеќавам дека сме успеале да привлечеме толку многу организации колку што имате вие тука. Затоа ми е мило што имав можност да го видам овој НВО Саем.
Ганка Самилова-Цветановска
Министерка за култура
Морам да признаам дека навистина сум фасцинирана од овој прв саем за невладини организации, не од квантитетот на НВО кои постепено се етаблираат во општеството и си го заземаат местото што го заслужуваат, импресионирана сум од квалитетот на идеите што тука е презентиран, од креативноста и мислам дека Министерството за култура е едно од ретките државни институции кои го поддржуваат третиот таканаречениот невладин сектор и кое со голем број невладини организации влегло како рамноправен партнер во голем број на проекти. Тоа мислам дека многу говори за граѓанската и демократската ориентација во самото министерство кое и во иднина ќе го поддржува секторот.
И пред саемот имавме добра соработка со НВО и мислам дека саемов е добра прилика за оние кои сеуште не се свесни за значењето на невладините организации.
Ирена Никола
посетител

Особено ми се допаѓа овој саем и драго ми е што почнаа да се одржуваат саеми од ваков тип и во Македонија. Студент сум на социологија и се здобив со сознанија кои ќе ми бидат исклучително полезни во иднина. Безусловно ќе го посетам саемот и следната година се разбира ако се одржи. Секоја чест за организацијата, немам ниту една забелешка.
Гоце Тодороски 
Центар за граѓанска иницијатива, Прилеп
 Настанот е организиран на многу високо ниво и во квантитативна и во квалитативна смисла. Оној што ќе се обиде да го оспори значењето на Саемот ќе направи многу голема грешка. Не заради тоа што ние сме дел од овој настан, не заради тоа што припаѓаме на НВО секторот туку заради квалитетот на самата манифестација. Нема потреба од никакви иронии, НВО секторот е реалност. Навистина, има уште многу да се работи но ваквите настани се шанса за промоција на секторот, шанса за контакти и шанса за развој на граѓанското општество.
Ги охрабруваме организаторите да продолжат со манифестацијата.
Нурије Кадриу 
Перспективи

Чест ни е што најдовме место на овој Саем. Можам да кажам дека ова е прекрасно место и можност за голем број НВО да ги презентираат своите активности. Имавме можност да контактираме, да се координираме и да учествуваме во многубројните трибини и работилници. Честитки за организаторот. 
Ива Тамбурковска
посетител

Зошто Александар палас? Многу е свечено за саем. Други забелешки немам. Ми се допаѓа што поголем дел од НВО се на едно место и можам да се информирам за многу работи што ме интересираат. Почетокот е тежок но продолжете така.
Јован Грповски 
Клуб на оратори

Од името на клубот на оратори би сакал да се заблагодарам на организаторот на овој Саем што им пружи можност на невладините организации како нашата да се презентираат и да остварат меѓусебни контакти. Сметам дека саемот беше добро организиран и им овозможи на организациите да се презентираат пред граѓаните како и пред другите НВО и да остварат контакти.
Искрено се надевам дека овој саем ќе продолжи да се одржува и дека ваквите можности за НВО во остварувањето на контакти ќе станат традиција.
Јадранка Плетикоса
посетител

Имав можност да посетам саем на НВО ви Франција и сметам дека овој саем го задоволува европското ниво. Немам некои големи забелешки, не регистрирав некои големи недостатоци. Добра работа завршиле организаторите. Се надевам дека саемот ќе се одржува и во иднина.
Марија Котевска-Димовска
посетител

Саемот на НВО што го посетив ми остави многу добар впечаток и мислам дека е добро што започнаа да се организираат манифестации од овој тип. Јас како човек што неутрално ги посматраше сите овие активности сум многу задоволна и мислам дека малите слабости можат да се надградуваат во следните години.
Сакам да кажам дека овој начин на излагање и комуницирање меѓу НВО треба да продолжи и понатаму затоа што тоа може да им помогне на граѓаните и да го зголеми нивниот број во невладините организации. Најискрени честитки и поттик за понатамошна соработка.
Гоце Тасевски
посетител

Прв пат посетувам ваков саем. Воодушевен сум од презентациите, од учесниците, од безбедноста и од посетеноста на самите штандови. Добив нови сознанија. Изненаден сум од борјот на НВО, од нивната дејност, од нивните активности кои од прв поглед можат да се согледаат. Ова е потстрек за НВО. Се надевам дека нивниот број ќе се зголеми, нивните активности исто така како по број така и содржински.

Гонце Јаковлеска
Даниел Медароски