|
МРЕЖИ, ВМРЕЖУВАЊЕ И МРЕЖНО РАБОТЕЊЕ (II)
Доброволен механизам за комуникација и за учење
Сунчица Саздовска
Почнувајќи од претходниот број на „Граѓански свет”, решивме во неколку продолженија да ги обработиме основните поими поврзани со мрежите, со вмрежувањето и со мрежното работење.
Мрежно работење (networking) Основната активност во мрежите е практикување мрежно работење. Иако терминот мрежно работење е исто така подложен на различни толкувања, во суштината на мрежното работење се комуникациите. Мрежното работење е процес кој резултира од свесните напори за градење односи меѓу себе заради постигнување одредена цел. Како доброволен механизам за комуникација и учење меѓу автономните учесници, мрежата зависи од „инпутот” на нејзините членови. Доколку тие не даваат придонес, не постои мрежно работење и според тоа не постои мрежа.
Мрежите, особено мрежите на НВО, во голема мера се сметаат за „организации кои учат„ и во релација со ова, можеби најважниот аспект на ова е дека мрежното работење е всушност средство за взаемно учење.
Од аспект на взаемното учење идеите и иновациите многу полесно се дистрибуираат преку лични контакти отколку, на пример, преку пишана информација. Ова укажува на важната улога на поединците и на личните контакти во рамките на мрежата. Членови на една мрежа можат да бидат поединци или организации или обете, но важно е да се нагласи важноста на поединците во која било мрежа. Меѓучовечките односи ја одржуваат мрежата компактна. Иако не е сосема невозможно да се работи со луѓе кои не ги сакате, многу е полесно да се гради мрежа со луѓе кои ги сакате.
Но оваа зависност на мрежите од личните контакти и односи често може да биде Ахилова петица на која било мрежа.
Контактите на мрежите со надворешниот свет често пати се многу централизирани (па дури и монополизирани). Всушност, менаџерот или друга клучна фигура, во суштина, го прави мрежното работење. Изненадувачки голем број мрежи на НВО признаваат дека тие немаат резервен капацитет доколку оваа клучна фигура е отсутна. Ако тој/ таа не е таму, тогаш мрежното работење треба да чека на неговото/нејзиното враќање. Луѓето понекогаш го менуваат вработувањето, што во однос на погореспоменатото може да има катастрофални ефекти на мрежата. Затоа, за да се развијат јаки и долготрајни врски меѓу организациите, мрежите треба да ги деперсонализираат надворешните контакти и да воспостават врски меѓу организациите на таков начин што континуитетот ќе може да се одржи дури и ако се менуваат поединците.
Важноста на заедничката визија Не е изненадувачки што заедничката визија често се споменува во литературата за мрежите на НВО. Сепак, не е доволно јасно дали оваа заедничка визија се гледа како предуслов за градење мрежа или се очекува да се развие откако мрежата ќе биде започната. Но, очигледно е дека мрежите се базираат на заеднички потреби и идеи уште од почетокот, барем меѓу мала група иницијатори на мрежата. Во одреден период, мрежното работење како взаемен процес на учење води до еволуција или зајакнување на одредени заеднички идеи.
Очигледно, мрежното работење како до броволна пракса меѓу независни актери, сепак однапред претпоставува некаков тип заедничка програма и консензус во поглед на корисноста и во поглед на целта на мрежното работење. Само оние кои ја чувствуваат потребата за соработка е веројатно дека ќе се придружат или дека тие ќе оформат мрежа.
Застапување на мрежите Мрежите на НВО понекогаш едноставно тежнеат само кон споделување на информациите меѓу учесниците, но во други случаи амбицијата е да се оствари влијание врз организации и деонесувачи на одлуки кои не се дел од мрежата. Во такви случаи прашањето поврзано со застапување на мрежата произлегува дека е прилично деликатно.
Повеќето мрежи тежнеат да се фокусираат околу едно „јадро” (хаб), или како што некогаш се нарекува „фокус-точка”. Улогата на „јадрото” е да ја фацилитира размената на информации во рамките на мрежата и понекогаш да координира одредени активности. Меѓу оние организации кои сакаат да учествуваат во мрежното работење се одбира една која треба да обезбеди размена на информации и преземање и одржување контакти. Затоа од суштинско значење е организацијата која е избрана да има улога на „фокус-точка„ да има финансиски и менаџерски капацитети за да ја оствари оваа улога. Нормално, „фокус-точката” траба да има подобри надворешни контакти. Под одредени околности ова може да биде потенцијален извор на моќ и затоа е суштинско „фокус-точката„ себеси да се перцепира како средство за олеснување на работата на мрежата, а не како нејзин лидер.
Често пати амбицијата на некои НВО да ги застапуваат другите може да се покаже проблематична. Така се јавува ризикот застапувањето да биде искористено за градење лични кариери или подигнување на имиџот на одредена организација на сметка на другите членови на мрежата.
Доколку застапувањето е активност на која во мрежата и се дава приоритет, од низа причини може да биде потребно да се зголеми степенот на формализација. Евентуално трансформирањето на мрежата во формално регистрирана организација може да биде подобар начин за остварување на овие цели.
(Извор: Optimizing Efforts - A Practical Guide to NGO Networking, UNSO/UNDP, May 2000) |