НАЦИОНАЛЕН ДЕМОКРАТСКИ ИНСТИТУТ (НДИ)
Јакнење и промоција на демократските процеси
Националниот демократски институт (НДИ), со седиште во Вашингтон, Д.Ц., беше формиран во 1983 година, со една генерална цел: да ги зајакне демократските институции и плуралистичките вредности во новите и демократиите во развој.
Денес, НДИ својата активност ја спроведува на четири континенти, во бројни локални канцеларии, одговарајќи на потребите на новодемократските општества, а во тој контекст, соработувајќи и со невладините организации како значаен чинител на демократските процеси. НДИ е невладина, непартиска и непрофитна и независна организација, која има големо влијание и во САД и ширум светот. Во Македонија, оваа организација е присутна од 1993 година. За нејзините активности во нашата држава, разговаравме со г-ѓа Шејла Фруман, директор на локалната канцеларија на НДИ во Македонија.
- Спроведувајќи ја во пракса нашата цел – промовирање на демократијата во Македонија, во овој, речиси десетгодишен период, соработувавме со парламентарните тела, политичките партии, експертите и невладините организации од Македонија. НДИ беше активен во периодот пред и околу изборите за локалните власти во 2000 година, а имаме неколку активности поврзани и со претстојните, Парламентарни избори 2002. Во овој предизборен период работевме на неколку нивоа. Соработувавме со политичките партии, спроведувајќи тренинзи за кампањата и тренинзи за кандидатите за пратеници. Спроведовме и тренинг за партиски контролори. Околу 1000 партиски активисти и кандидати беа обучени на наштите тренинзи. На невладино и непартиско ниво, соработуваме со здружението на граѓани „Мост”, поддржувајќи го финансиски, преку давање совети, консултации и тренинзи. НДИ работеше со политички партии за да го развие Кодексот на однесување за слободни и фер избори, кој го потпишаа лидерите на 29 политички партии во Македонија. Здружението „Мост” работи на набљудување на спроведувањето во пракса на овој Кодекс, вели г-ѓа Фруман.
Активностите на Националниот демократски институт во Македонија се поддржани од УСАИД (Агенцијата за меѓународен развој на САД). Работата на НДИ насочена кон јакнење и промоција на демократските процеси во нашата држава ќе продолжи и после изботниот процес, а соработката со невладините организации ќе биде од нејзините клучни елементи.
М. И.
|